Министерот за здравство Венко Филипче на отворањето соопшти дека гинекологот што го избрале се согласил да регистрира своја ПЗУ и овде да ја оформи својата ординација, заедно со медицинска сестра која е практично од оваа населба.

Ординацијата е опремена со посебен стол, одредени апарати во делот на клопоскопија и нов ехо апарат. Според Филипче, станува збор за специјалистичка опрема во вредност од 39.000 евра.

-Навистина ми е мило што еве денеска можеме да одбележиме еден сметам навистина значаен настан, нешто што ќе значи многу полесен пристап кон здравствена заштита, а тоа отворањето на гинеколошка ординација во општина Шуто Оризари. Со ова на близу 20.000 жени коишто живеат во оваа општина ќе им се овозможи пристап до гинеколошка здравствена заштита, рана дијагноза на одредени болести, редовни прегледи и се тоа што значи квалитетна здравствена услуга во делот на таа специјалност, рече Филипче.

Министерот посочи дека по долги години, сега жените нема да бараат здравствени услуги во други здравствени установи.

Тој се заблагодари на германската амбасада за донирањето на заштитна опрема за Здравствениот дом во Шуто Оризари, а на кинеската амбасада за набавената медицинска опрема и помошта целосно да се реконструира кровот на оваа јавно-здравствена установа.

Проблемот со немање матичен гинеколог во Шуто Оризари трае со години. Само пред една година д-р Вјолце Мбира која имаше ординација, ја затвори и ја пресели во населбата Сингелиќ.