Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков денес се обрати на конференција посветена на Европските денови на културното наследство која се организира по повод 70 години од прифакањето на Европската конвенција за култура.
На конференцијата свое поздравно обраќање имаа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, раководителот за соработка од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефан Худолин и Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културно наследство на Македонија.
Трајков во своето обраќање ги поздрави присутните и се заблагодари на организаторите за можноста да се обрати на оваа значајна конференција:
„Се радувам што денес имам можност на ваков настан да зборувам за Македонија која ја сакам, Македонија која ја претставувам во Европа, за Македонија која ја истражував во мојот докторат и за Македонија, земја со големо културно и историско наследство. Секое македонско ќоше мириса на Македонија од Библијата и тоа е факт кој го гледаме на терен, но истовремено истражувајќи и копајќи по минатото на овие простори гледаме дека не за џабе Македонија е спомената во Библијата во 21 стих.“
На конференцијата свое обраќање на различни теми поврзани со културното наследство имаа и Мигел Џон Верслус, академик и професор на Лиден Универзитетот од Холандија, проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитет Скопје, амбасадорот Љубен Тевдоски, Сулејман Рушити, поранешен министер за образование и наука, проф. д-р Владимир Михајловиќ, Филозофски факултет од Белград, проф. д-р Митко Панов, директор на Институтот за национална историја, проф. д-р Илија Руменов, од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, амбасадорот Јордан Плевнеш, Борче Топуковски, директор на Музејот на Македонија, како и други познати и признати имиња во областа на образованието, историјата и истражувањето на културното наследство од Европа и Западен Балкан.