Американскиот претседател Доналд Трамп го најави формирањето на новата федерална канцеларија „Сила за суперинтелигенција“ (СИФ), која ќе ги координира напорите на американската влада за одржување на водечката позиција во развојот на вештачката интелигенција, која шефот на Белата куќа ја нарекува „суперинтелигенција“. За прв човек за вештачка интелигенција го назначи директорот на Националната разузнавачка служба, Џеј Клејтон.

Новата канцеларија ќе ја координира соработката на федералната влада со потрошувачите, организациите од јавен интерес и верските групи, давателите на услуги за критична инфраструктура и технолошките компании, објави Трамп на неговата мрежа Трут соушл.

„СИФ е задолжен да ги координира напорите на федералната влада, така што Америка ќе продолжи да го води светот во суперинтелигенцијата“, напиша Трамп.

Трамп изјави дека Клејтон ќе ја преземе новосоздадената функција координатор на САД за вештачка интелигенција, задржувајќи ја позицијата директор на Националното разузнавање. Клејтон, заедно со неколку други функционери, ќе ја води новоформираната канцеларија, чија цел, според Трамп, е САД да останат светски лидер во областа на технологија за која некои експерти проценуваат дека би можела да има поголемо влијание од индустриската револуција и интернетот, наведува „Политико“.

Копретседатели на канцеларијата заедно со Клејтон ќе бидат претседателот на Федералната трговска комисија, Ендру Фергусон, потсекретарот за одбрана за истражување и инженерство, Емил Мајкл, и директорот на Канцеларијата за управување со персонал, Скот Купер. Четирите функционери ќе известуваат директно до Трамп и неговиот шеф на кабинетот, Сузан Вајлс.

Трамп ја објави функцијата координатор за вештачка интелигенција минатиот месец поради растечката загриженост во Вашингтон и Силиконската долина дека моделите на вештачка интелигенција се развиваат пребрзо и би можеле да избегаат од човечка контрола. Во тоа време Трамп изјави дека САД на никаков начин нема да го попречат или задушат развојот на индустријата за вештачка интелигенција, иако Белата куќа оттогаш презеде чекори за спроведување нови доброволни упатства за компаниите што развиваат вештачка интелигенција.

Директорот на Националното разузнавање е формално главен советник за разузнавање на претседателот и го надгледува американскиот разузнавачки апарат вреден повеќе од 80 милијарди долари. Таа служба ги надгледува буџетите и ја координира работата на 17 други разузнавачки агенции, а новата позиција на Клејтон им дава на воената и разузнавачката заедница силно влијание врз националната политика во областа на вештачката интелигенција.