Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека планираните напади врз Иран се одложуваат под услов брзо да се постигне договор што би вклучувал целосно отворање на Ормускиот Теснец и крај на иранската нуклеарна закана. Иран, сепак, негира дека е постигнат каков било договор и предупреди дека ќе одговори доколку САД, Израел или држави од регионот учествуваат во напад врз неговата територија.
Во објава на „Трут соушл“, Трамп наведе дека одлуката била донесена во координација со Израел, по информациите дека Вашингтон подготвува нови и силни напади врз Иран во текот на викендот.
„САД се подготвени да дејствуваат против Исламската Република Иран, на нивоа на воен терор, сила и моќ какви што не се видени од Втората светска војна. И покрај ова, токму Иран и другите земји на Блискиот Исток нè замолија да го суспендираме секој напад бидејќи рамката на договорот е договорена. Ова би вклучувало итно, целосно и целосно отворање на Ормутскиот теснец и крај на нуклеарната закана од Иран“, се вели во објавата на Трамп.
Иранската полуофицијална агенција „Фарс“, повикувајќи се на член на иранскиот преговарачки тим, ги отфрли тврдењата дека министерот за надворешни работи Абас Аракчи се согласил на договор со САД и Катар за поделена контрола врз теснецот меѓу Иран и Оман. Според ирански воен извор, преминот и натаму останува затворен за бродови што не се координираат со Револуционерната гарда.
Аракчи во разговор со саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан предупредил дека државите од регионот треба внимателно да одлучуваат дали ќе застанат на страната на Вашингтон.
„Секоја агресија, непријателска акција од страна на САД и ционистичкиот режим или учеството и придружбата на земјите од регионот ќе бидат дочекани со решителен и пропорционален одговор од страна на моќните вооружени сили на Иран, а одговорноста за сите последици што произлегуваат од ваквите авантури ќе ја сносат оние кои се одговорни за тоа“, изјави Аракчи.
Во меѓувреме, Иран соопшти дека подготвил план за одговор во случај на напад врз неговата инфраструктура, кој предвидува таргетирање на витални објекти во Израел и американски енергетски капацитети во регионот. Кувајт, пак, објави дека неговата армија пресретнала и уништила непријателски беспилотни летала насочени кон витални објекти, при што била причинета материјална штета, но немало жртви.
