Американскиот претседател Доналд Трамп повика Украина да избере нов претседател, обвинувајќи го Володимир Зеленски дека не успева да постигне договор за завршување на војната со Русија. Тој ова го изјави пред новинарите во Белата куќа, во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Киев по договорот за испорака на руски дизел, објави АП.

„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да постигне договор. Тој можеше да постигне многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, изјави Трамп.

Американскиот претседател го критикуваше Зеленски и поради украинските напади врз руските рафинерии. Според Трамп, тие влијаат врз глобалните испораки на дизел и создаваат проблеми за други држави, меѓу кои и САД.

„Им рековме: Можете да ѝ правите на Русија што сакате, но не ги напаѓајте рафинериите, бидејќи така му создавате проблем на целиот свет“, рече Трамп.

Тој оцени дека нападите врз руската нафтена инфраструктура придонесуваат за проблемите со снабдувањето и ги повика украинските власти да ги прекинат.

„Подобро му е, по ѓаволите, да престане“, порача Трамп.

Изјавите следуваат по најавата на американскиот претседател дека постигнал договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на големи количества руски дизел на светскиот пазар. Според најавената динамика, Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони, а во ноември уште 500.000 тони. Потоа е предвидена испорака од дополнителен еден милион тони, со можност за уште количества. Вашингтон со овој потег настојува да го ублажи растот на цените на горивата, кој дополнително се засили поради војната со Иран.

Зеленски остро се спротивстави на договорот, предупредувајќи дека дополнителните приходи од продажбата на руските енергенси ќе ѝ овозможат на Москва да ја продолжи војната.

„Русија денеска се заблагодари за укинувањето на санкциите за извоз на дизел со фрлање пет наведувани бомби врз станбени згради во Запорожје“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

„Аксиос“ објави дека Трамп се решил на договор со Путин откако Зеленски не прифатил најмалку шест американски барања да ги запре нападите врз руските рафинерии. Американски функционер запознаен со разговорите изјавил дека Трамп смета оти нападите врз руската нафтена инфраструктура дополнително ги зголемуваат цените на горивата во САД.

Според истиот извор, Зеленски бил подготвен да ги запре нападите врз руските рафинерии ако Русија истовремено престане да ги напаѓа украинските електрани. Трамп, сепак, барал Украина еднострано да ги прекине нападите.

Тензиите се зголемиле и за време на разговорите во Мајами. Таму специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, се сретнале со украински и европски претставници. Украински функционер, цитиран од „Аксиос“, изјавил дека американските претставници предупредиле оти Вашингтон би можел да ја прекине размената на разузнавачки информации со Украина ако Киев продолжи да ги игнорира барањата за запирање на нападите врз руските рафинерии. Американски функционер ја негирал таквата закана.

Според истиот извештај, украинското раководство не било однапред известено за американско-рускиот договор за дизел. На разговорите во Мајами се дискутирало и за безбедносните гаранции за Украина, можните територијални решенија и обновата на земјата по завршувањето на војната.

И покрај договорот за енергенсите, засега нема потврда дека Русија е подготвена да ги продолжи мировните преговори. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, изјавил дека рускиот претседател не се согласил на непосредно продолжување на преговорите со Украина за време на 90-минутниот телефонски разговор со Трамп. Москва дополнително ќе разгледува кога тие би можеле да продолжат.

Ублажувањето на американските санкции за руските енергенси предизвика загриженост и кај европските држави. Германија и Шведска соопштија дека остануваат посветени на санкциите против Русија.

Трамп сега отворено ја доведе во прашање политичката иднина на Зеленски, додека односите меѓу Вашингтон и Киев повторно се заоструваат. Војната на Русија против Украина продолжува по инвазијата започната во февруари 2022 година.