Вашингтон не прифаќа Техеран да го задржи нуклеарниот материјал
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека на крајот ќе ги преземат иранските залихи на високо збогатен ураниум, и покрај противењето од Иран.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп порача дека Вашингтон нема да дозволи Техеран да го задржи материјалот.
„Ќе го преземеме. Не ни треба, не го сакаме. Веројатно ќе го уништиме кога ќе го преземеме, но нема да им дозволиме да го задржат“, изјави Трамп, пренесе Ројтерс.
Според американски проценки, Иран располага со повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум, кој, според Трамп, бил закопан по воздушните напади што САД и Израел ги извршиле врз иранските нуклеарни постројки пред речиси една година.
Хамнеи бара ураниумот да остане во Иран
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, претходно наредил збогатениот ураниум што е блиску до нивото потребно за нуклеарно оружје да остане во земјата, наместо да биде пренесен во странство како дел од евентуален договор за завршување на војната меѓу САД, Израел и Иран.
Информацијата, повикувајќи се на високи ирански извори, ја објави Ројтерс.
Минатата недела Трамп посочи дека би можел да прифати сценарио во кое околу 440 килограми високо збогатен ураниум ќе останат закопани под погодените ирански нуклеарни постројки.
