Американскиот претседател ја исклучи можноста за курдско учество

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека не планира курдските борци да се вклучат во војната против Иран.

– Го исклучив тоа, не сакам Курдите да влезат – рече Трамп пред новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

Тој нагласи дека Вашингтон „не сака војната да стане посложена отколку што веќе е“ и дека не сака курдските борци да бидат повредени или убиени.

– Имавме добри односи. Тие се подготвени да влезат, но навистина им реков дека не сакам да се вклучуваат – додаде претседателот.

Многу ирански Курди живеат во соседен Ирак поради систематскиот прогон во нивната татковина. Дел од нив сега гледаат можност за соборување на иранската влада и добивање поголема заштита и слободи во случај на промена на власта, посочува ДПА.

Трамп неодамна телефонски разговарал со неколку курдски лидери. Претходно „Волстрит џурнал“ објави, повикувајќи се на американски владини извори, дека Трамп размислува за поддршка на ирачките Курди во борбата против иранското раководство.

Американската разузнавачка агенција ЦИА, според одредени медиумски извештаи, почнала да вооружува курдски групи во регионот пред неколку месеци, но Белата куќа ги отфрли тие информации како неточни.

Курдите се етничка група од околу 30 милиони луѓе, кои живеат главно во Ирак, Иран, Сирија и Турција.