Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека загинувањето на двајца американски војници во нападот во Јордан е трагедија, но порача дека воената мисија на САД против Иран останува неопходна. Тој ги бранеше последните американски напади врз ирански цели, наведувајќи дека нивната цел е спречување на Техеран да се стекне со нуклеарно оружје.

„Го направивме тоа затоа што не сакаме Иран да добие нуклеарно оружје. Тоа само покажува колку се лоши (Иранците)“, изјави Трамп, пренесува „Њујорк пост“.

Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека двајца американски војници биле убиени во петокот додека се обидувале да се одбранат од ирански напади со балистички ракети и беспилотни летала. Уште еден припадник на американската војска се води како исчезнат, додека четворица војници кои биле пренесени во болница поради повреди, подоцна биле пуштени на домашно лекување.

На прашањето дали ќе контактира со семејствата на загинатите војници, Трамп одговори дека тоа ќе го направи.

„Секако дека ќе го сторам тоа. Секогаш го правам тоа. Да“, изјави американскиот претседател.

САД продолжуваат со нападите врз ирански цели

Трамп претходно изјави дека не е загрижен поради одлуката на Техеран да се повлече од Меморандумот за разбирање меѓу двете земји, посочувајќи дека американските војници загинале додека ја служеле својата држава.

Тој исто така ги отфрли обвинувањата од дел од демократските членови на Конгресот дека неговите одлуки придонеле за смртта на војниците.

„Дали некогаш сте се запрашале колку луѓе загинале во Виетнам? Дали некогаш сте се запрашале колку луѓе загинале во Авганистан за еден ден? За еден ден, под водство на „поспаниот“ Џо Бајден“, рече Трамп.

Во меѓувреме, американската војска продолжи со операциите против Иран. CENTCOM соопшти дека САД, по наредба на Трамп, извршиле нови напади врз Иран осма ноќ по ред.

Според американските власти, цел на нападите биле припадници на Иранската револуционерна гарда (IRGC), за кои Вашингтон тврди дека стојат зад нападот врз американската база во Јордан.

Покрај тоа, американските сили нападнале и ирански објекти за крајбрежен надзор и воздушна одбрана, поморски капацитети, како и складишта за ракети и беспилотни летала. Од CENTCOM информираа дека операцијата завршила околу 23:30 часот по локално време.

Од друга страна, врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави дека потписот на Трамп е „целосно безвреден и лишен од кредибилитет“ и го предупреди Вашингтон за последиците доколку продолжат нападите врз Иран.