Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште не донел конечна одлука дали Соединетите Американски Држави ќе воведат забрана за извоз на дизел. Белата куќа е под зголемен притисок да преземе мерки поради рекордно високите цени на ова гориво.

Трамп денеска изјави дека за можните последици од таквата одлука разговара со министерот за енергетика Крис Рајт и со министерот за внатрешни работи Даг Бургум.

„Размислувам за тоа. Разговарам многу со министерот за енергетика Крис Рајт и министерот за внатрешни работи Даг Бургум. Тие веруваат дека тоа би можело да помогне со дизелот, но би можело да ја зголеми цената на други работи“, рече Трамп, објави бриселски „Политико“.

Американскиот претседател изрази оптимизам дека цените ќе почнат да се намалуваат, посочувајќи дека протокот на нафта низ Ормутскиот Теснец се зголемил во последните денови.

Трамп уште минатата недела сигнализираше дека е отворен за можноста да се ограничи извозот на дизел како дел од напорите за намалување на рекордно високите цени.

Дел од членовите на неговиот кабинет, како и високи претставници на индустријата, предупредуваат дека забраната или ограничувањето на извозот би можеле да предизвикаат раст на цените на сите видови горива, вклучително и на бензинот.