Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека, покрај тоа што се очекува да се склучи „голем договор за сите“ или „никаков договор“ со Иран, во исто време земјите од Блискиот Исток би требало да ги потпишат Абрахамовите договори за нормализирање на дипломатските односи со Израел.
„Земјите за кои се расправа се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (веќе членка), Катар, Пакистан, Турција, Египет, Јордан и Бахреин (веќе членка). Можно е една или две да имаат причина зошто не го прават тоа, и тоа ќе биде прифатено, но мнозинството би требало да биде подготвено, со волја и способно ова решение со Иран да го направи далеку поголем и поисториски настан отколку што инаку би бил“, напиша Трамп во објава на платформата Truth Social.
Тој кажа дека Абрахамовите договори во земјите кои веќе ги потпишаа – Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко, Судан и Казахстан донесоа „финансиски, економски и општествен процут, дури и во ова време на конфликти и војна, при што сегашните членки никогаш не ни предложиле заминување, ниту пак направиле дури и пауза“.
„Причината за тоа е што Абрахамовите договори беа одлични за нив и ќе бидат уште подобри за сите, и ќе донесат вистинска моќ, сила и мир на Блискиот Исток по првпат во последните 5.000 години. Тоа ќе биде документ почитуван како ниту еден друг што некогаш бил потпишан, каде било во светот. Неговото ниво на важност и престиж ќе биде неспоредливо! Треба да почне итно потпишување од страна на Саудиска Арабија и Катар, а сите останати би требало да го следат нивниот пример“, истакна Трамп.
Тој додаде дека би било одлично кога тие договори потоа би ги потпишал и Иран.
„Тоа би било нешто посебно! Ова ќе биде најважниот договор што која било од овие големи, но секогаш во конфликт, земји некогаш ќе го потпише. Ништо во минатото, ниту во иднината, нема да го надмине. Затоа, задолжително барам сите земји веднаш да ги потпишат Абрахамовите договори и, ако Иран го потпише својот договор со мене, како претседател на Соединетите Американски Држави, да им биде чест и тие да бидат дел од оваа ненадмината светска коалиција“, нагласи Трамп.
Според него, Блискиот Исток со тоа „би бил обединет, моќен и економски силен, како можеби ниту едно друго подрачје, каде било во светот“.
„Преговорите со Исламската Република Иран убаво напредуваат! Или ќе биде ’голем договор за сите‘ или никаков договор – назад на фронтот и пукање, но поголемо и посилно од кога било претходно, а тоа никој не го сака“, наведе Трамп.
Трамп информира дека во саботата за постигнувањето мировен договор со Иран, и за потпишувањето на Абрахамовите договори со Израел, разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Пакистан, Турција, Египет, Јордан и Бахреин, на кои им пренел дека, по сета работа што САД ја „вложија во обидот да ја склопат оваа многу сложена сложувалка, би требало да биде задолжително сите овие земји, барем истовремено, да ги потпишат Абрахамовите договори“.
Абрахамовите договори се историски договори од 2020 година со кои Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко ги нормализираа дипломатските односи со Израел, со посредство на САД, и претставуваат прво признавање на Израел од страна на арапските земји.
