Слично патешествие и планови имал и Холанѓанецот Јохан Рингоет, кој од родната земја се упатил на крајниот запад во Шпанија, од каде пеш тргнал за Индија преку Европскиот, а потоа и Азискиот континент.
Двајцата авантуристи судбината ги споила во соседна Албанија на музички фестивал, од каде заеднички го продолжуваат патот до Индија.
– Ние до пред неполна година воопшто не се познававме и секој со свои планови имавме намера пеш да стигнеме до Индија, но случајната средба на фестивалот „Виножито“ во Албанија, ни ги спои патиштата и оттогаш до денес сме неразделни и планираме да бидеме заедно и во наредниот период се додека стигнеме во Индија во 2024 година, вели бразилката Изис Матос, која призна дека кај нив покрај пријателството се родила и љубов која непрестано ги грее на ова патешествие и им го олеснува патувањето до далечната земја.
Тие планираат целиот пат да го изодат пеш, за да стигнат до градот на Саи Баба, гуру и филантроп од Индија.
-Во текот на изминатите три години пеш го поминав речиси целиот Европски континент и за тоа време искинав пет пара специјални обувки и до крајот на патот сигурно ќе ми бидат потребни барем уште толку пара специјални чевли.Сега кога сме заедно со Изис патувањето е полесно, а нашата дневна тура изнесува околу 20 километри, вели Холанѓанецот Јохан.
Тој напомна дека се наполно свесни за искушенијата што попатно ги очекуваат и ветува дека ќе дадат се од себе успешно да ја поминат планираната тура.
-Допрва не очекува потешкиот дел од патот. Азија е немирен континент каде се присутни кризи и војни, а и климата е непредвидлива од претопли лета до поларни зими. Нашите планови се јасни, ние во претстојните три години пеш да стасаме до Индија, додава Јохан.
Инаку, Изис и Јохан ги сретнавме попатно во Кичево, каде го разгледуваа градот и ја посетија работилницата на кичевскиот казанџија. Се интересираа за овој занает, а од мајсторот за возврат добија по една бакарна плочка, на која сами го изгравираа своето име и презиме и истата ќе ја носат околу вратот во текот на целиот пат.
Изис на разделбата ни посочи дека пред влегување во секоја наредна земја, тие се обидуваат да научат барем педесетина зборови од јазикот кој таму се зборува, за да можат полесно да стапат во комуникација со месното население и на тој начин и земјата полесно да ја изодат.
Двајцата напоменаа дека досега на Стариот континент немале никакви проблеми при маратонското патешествие и очекуваат слична среќа да ги прати до последниот километар, до крајната цел – Индија.