Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува список со шпански производи што би можеле да бидат опфатени со можно трговско ембарго. Причина е спорот со Мадрид околу издвојувањето средства за одбрана во рамките на НАТО, објави „Политико“.

Според американски претставник, Министерството за финансии, во координација со Канцеларијата на американскиот трговски претставник и Министерството за трговија, добило задача да подготви список на шпански производи што би можеле да бидат предмет на ембарго во наредните денови.

Трамп јавно ја изнесе оваа намера за време на Самитот на НАТО во Анкара, откако Шпанија одби да го поддржи планот на земјите-членки до 2035 година да издвојуваат пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана.

„Не разговарав со Шпанија. Шпанија е залуден труд. Повеќе не сакаме да работиме со Шпанија“, изјави Трамп.

По ова, американскиот претседател му наредил на министерот за финансии Скот Бесент да ги започне потребните активности.

Ова не е првпат Трамп да се закани со вакви мерки кон Мадрид. И претходно најавуваше прекин на трговската соработка со Шпанија, откако шпанската влада не дозволи користење на заедничките воени бази за напади врз Иран.

Експертите предупредуваат дека евентуалното ембарго би можело сериозно да го загрози трговскиот договор меѓу САД и Европската Унија, бидејќи Шпанија е земја-членка на Унијата.

Според нив, таков потег би можел да предизвика нова трговска криза меѓу Вашингтон и Брисел.

Во Европската комисија засега се надеваат дека заканите нема да се реализираат. Неименувани европски претставници изјавиле дека ова не е првпат Трамп да упати вакви пораки и дека се надеваат оти ќе остане само на реторика.

Според официјалните податоци, трговската размена меѓу САД и Шпанија минатата година изнесувала околу 47 милијарди долари.