Семејството и блиските од средата трагаат по Ристе Бочвароски (47) од Скопје, кој дента околу 13 часот излегол надвор од домот и му се губи секаков траг.
Станува збор за семеен човек, татко на две ќерки, кој имал среден живот и никогаш во минатото не се случило нешто слично.
Андријана, блиска пријателка на семејството Бочвароски за ,,Фокус” вели дека во средата Ристе излегол од домот во Лисиче околу 13 часот. Сопругата била на работа, ќерките спиеле, а на мајка му и кажал дека ќе излезе малку на воздух. Со себе не го зел мобилниот телефон, ниту пак било какви лични документи.
-Неколку дена пред исчезнувањето имавме слава, се дружевме, се беше во ред. Ристе е стабилна личност, посветен родител и сопруг, по професија е дипломиран електроинженер. Сите се во шок од настанот, изчезнувањето е пријавено во полиција.
Безбедносните камери на околните објекти не се проверени, немаме официјална информација од полицијата околу тоа, дали на некоја камера е регистриран, во кој правец заминал, со кого… Мојот сопруг денес ќе оди во околни дуќани да замоли за снимките од камерите – вели Андријана.
Додава дека автомобилот и велосипедот на Ристе се дома. Кога излегол бил облечен во сиви тренерки со капуљача и црна јакна. Висок бил над 190 сантиметри, со нормална градба.
Замолува доколку некој има било каква информација, да се јави на 070 838 030 или на 075 274 706, или пак да пријави во полиција.
Во земјава голем е бројот на лица кои исчезнале без траг и со години не се пронајдени. Последниот случај со исчезната жена од Скопје го вклучи алармот околу тоа како се трага по исчезнатите и што се презема во првите часови од исчезнувањето, кои во повеќето случаи се од најголема важност.
Синот на исчезнатата жена минатата недела апелираше на поголема ажурност од надлежните служби, но и проверка на безбедносни камери во околината на местото каде личноста последен пат е забележана, и тоа што е можно побргу.
Како потсетување, шест дена по исчезнувањето на мајка му, тој јавно преку ,,Фокус” молеше сите од Драчево да ги проверат снимките од камерите. Неговата мајка беше пронајдена по седум дена од случаен минувач, почината на околу еден километар од нивниот дом.
И братот на 29-годишниот Аднан Михтар од Скопје, кој е исчезнат од осми септември, јавно преку ,,Фокус” во повеќе наврати апелираше за проверка на безбедносни камери, со цел да дознае во кој правец и со кого заминал брат му. Не ја криеше разочараноста од тоа како се води истрагата за исчезнувањето, а неговиот брат се уште не е пронајден.
Од 16-ти ноември се трага и по 64-годишниот Никола Гоцев од скопско Тафталиџе. Заминал во аптека и последниот телефонски повик му е регистриран во 12.35 часот. Семејството го опиша како здрав човек, сериозен, кој многу го сакал животот.
Не се пронајдени ниту мајката (32) и ќерката (7) од Куманово, на кои им се губи траг од крајот на август.