Вистинска драма се одвивала вчера доцна попладнето на плажа близу Драч, кога три македонски државјанки почнале да се дават во морето на плажата Голем, в местото Каваја. Спасувачите експресно реагирале и жените биле пренесени во болницата во Драч.

Според информациите на албанската полиција, станувало збор за три жени на возраст од 48, 60 и 66 години кои влегле да пливаат, но подоцна не можеле да стигнат до брегот, ризикувајќи да се удават.

За кратко време тие биле извлечени од разбранетото море и на плажата веднаш им била укажана прва помош од присутната крајбрежна стража и полициски службеници од Каваја кои биле дежурни на плажите.

Тамошните медиуми пренесуваат дека две од жените биле во тешка здравствена состојба на одделот за интензивна нега во болницата во Драч, додека пак третата бил надвор од животна опасност.

Иако побаравме информации, од македонското МНР досега не добивме одговор дали стапиле во контакт со албанските власти и каква е во моментов состојбата на жените во Албанија, каде годишно летуваат, во просек од 250 до 300 илјади македонски државјани.

Случаи на давење, но со фатален исход периодов имаше во македонските езера. Минатата недела, беше пронајдено тело на 42 годишен штипјанец кој се удави во Дојранското езеро, а во јули 66-годишна жена од Ресен се удави на плажа во Струга.

Спасувачите велат дека со вода нема играње, особено ако се работи за помалку искусни пливачи, кои се обдуваат да им пркосат на длабичината или на немирни мориња и езера.

„И за тие што знаат да пливаат и тие што не знаат, ризично е во вода кога има многу бранови, ветер кога дува. Ако голтнеш вода, не треба да кашлаш и не смее да ве фати паника. Препорачуваме да не се влегува во големи длабочини ако не сте пливач. Да влегуваат во вода само таму каде што има спасувачи

Вистинска драма и обемна потрага се одвиваше и лани во Егејското море, кога три македонски момчиња беа однесени од силни струи во грчкото летувалиште Посиди, на Халкидики. Грчките служби тогаш успеаја да спасат две од нив, додека третото се уште се води како исчезнато.