Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната промоција на кандидатите за градоначалници за локалните избори ја искритикува резолуцијата со „црвени линии“ за Бугарија предложена од СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче. Според него, документот е само уште еден трик со кој противниците се обидуваат да го измамат народот во пресрет на изборите.
„Гледаме дека нашите противници повторно се обидуваат со трикови и празни декларации да го измамат народот. Најавуваат некакви ‘црвени линии’ за Бугарија, но знаеме што вредат, колку траат и колку чинат нивните декларации,“ рече Мицкоски.
Тој истакна дека граѓаните добро паметат што правела власта во минатото. „Народот не е наивен. Народот добро ги памети сите нивни изјави, предавства и лаги. Токму затоа, овој пат ќе има казна – уште поголема казна на овие избори споредено со претходните,“ додаде тој.
Мицкоски предупреди дека неговата партија нема да дозволи „црвени линии“ кои би довеле до ново предавство. „Запрашајте се зошто пред избори ја наметнуваат оваа тема. Се чудам на што се надеваат и кому испраќаат сигнал,“ изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето обраќање тој се наврати и на изјавите од поранешните функционери на СДСМ и ДУИ: „Народот памети каква власт имаше СДСМ и ДУИ до пред една година и што направија. Се паметат траги-комичните изјави за македонската жица која свири во душата на нивниот поранешен премиер и сегашен гуру. Се паметат и изјавите дека Уставот нема да се менува, и ветувањата што ги даваа додека сегашните раководители му ракоплескаа.“
„Сега истата екипа нуди резолуција која и самите знаеме дека нема да ја почитуваат. Но прашањето е кој ги тера, за кого работат и до кога ќе трае нивниот аранжман,“ додаде тој.
Мицкоски оцени дека ароганцијата на СДСМ и нивното постојано потценување на народот мора да бидат казнети на избори. „Сакаат повторно со триковите од пазарите во Горни Милановац да го прелажат народот и да имаат други приоритети, а не да ги штитат националните интереси. Но тоа нема да го дозволиме. Ние ќе стоиме рамо до рамо со народот затоа што за нас фотелјите не се важни. Немаме трговски зделки со кои распродаваме идентитет и историја. Нам ни е битна Македонија, македонските црвени линии и македонските интереси,“ рече Мицкоски.
Тој повика СДСМ на саморефлексија: „Нека напишат едно соопштение и нека се извинат на македонскиот народ за предавствата што ги направија, и нека кажат за што точно и од кого се извинуват. Но наместо тоа, тие повторно се борат со истите трикови.“
Во завршницата, Мицкоски додаде: „Ќе ви кажам во суштина што е нивната борба – тие се борат заедно со Али Ахмети и ДУИ, и тоа е јасно како бел ден.“