Тројца сириски војници се убиени, исто толку се повредени во израелски напад во близина на сириската крајбрежна провинција Тартус, јавија синоќа сириските државни медиуми повикувајќи се на армиски информации.

Државните медиуми јавуваат дека нападот го извршиле „израелски авиони што дошле од либанска територија“.

Медиумите објавија дека се слушнале експлозии кога израелски воени авиони нападнале цели во близина на градот Тартус, каде се наоѓа пристаниште во кое се вкотвуват и бродови со жито од Украина.

Во соопштението на сириската армија се наведува дека Израел извршил два симултани напади, едниот во близина на главниот град Дамаск од правец на либанската престолнина Бејрут, а другиот од морето врз цели јужно од Тартус.

Израелската армија одби да ги коментира информациите за последните напади врз цели во Сирија.