Обвинетите украле високоенергетски кабли од „Железара“ и тунели на „Полуконти – ИГМ“
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен акт против три лица кои, заедно со други уште неидентификувани, сториле тешка кражба од објекти на јавни инсталации од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.
Обвинетите, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ и од објектот на „Полуконти – ИГМ“, одземале повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница Енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје. Вкупната вредност на одземените кабли изнесува околу 440 илјади евра.
За да ги одземат каблите, обвинетите влегувале во подземните тунели преку отвори со скалила, со апарат проверувале дали каблите се под напон, па ги сечеле со батериска брусалка и ги складирале до влезот на тунелите. На 9 април нивните дејствија предизвикале пожар во трафостаницата ТС Југ, со што дополнително е оштетена инфраструктурата за која санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра. Одложувањето на производство и дистрибуција на електрична енергија за корисниците донело дополнителна штета од околу 60 илјади евра.
Притвор и ризик од повторување на делото
На 6 мај обвинетите со возило Фолксваген Голф се обиделе да го транспортираат украденото, при што еден од нив се повредил, но по укажаната медицинска помош во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ се вратиле и повторно се обиделе да го напуштат местото. Тие биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од „Железара“.
Јавниот обвинител побара продолжување на мерката притвор за сите тројца поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото.
