Над 1.000 жртви во Азија- спасувачките екипи се борат да достават хуманитарна помош

Спасувачките екипи од Индонезија, Тајланд, Малезија и Шри Ланка интензивно работат за да ги расчистат патиштата и да достават хуманитарна помош по тропската бура што однесе над 1.000 животи. Бурата предизвика поплави, свлечишта и прекини во снабдувањето, што го отежнува пристапот до загрозените жители.

Во Тајланд, најмалку 176 лица загинаа, а во Малезија три. Во Индонезија бројот на загинати достигна 502, а 508 лица се водат како исчезнати. Во Шри Ланка загинаа 355 лица, а се трага по уште 366. Во индонезиската провинција Западна Суматра стотици жители расчистуваа кал, урнати дрвја и остатоци од патиштата, а дел од населението се обидуваше да спаси документи и мотоцикли. Повеќе од 28.000 домови се оштетени, а околу 1,4 милиони лица се погодени.

Евакуација и поддршка во регионот

Во Тајланд поплавите зафатија осум јужни покраини, погодувајќи околу три милиони луѓе. Армијата е мобилизирана за евакуација на критични пациенти и помош на жители блокирани со денови.

Во Малезија, 11.600 лица остануваат во евакуациски центри, а националната агенција за катастрофи е во состојба на готовност за нови бранови поплави. Во Шри Ланка железничкиот и воздушниот сообраќај е воспоставен, но училиштата сè уште се затворени. Метеоролозите најавуваат дека бурата се движи кон север и постепено ослабува.

Реакции и прогнози

Претседателот Анура Кумара Дисанајаке ја опиша оваа катастрофа како „најголема и најпредизвикувачка“ во историјата на Шри Ланка.

Циклонот донесе обилни дождови и во јужната индиска сојузна држава Тамил Наду, каде починаа три лица. Метеоролозите наведуваат дека бурата, сега на 50 километри од брегот на Ченаи, ослабнала во „длабока депресија“, а временските услови се очекува да се стабилизираат во следните 12 часа.