Трудниците во Англија би можеле да добијат ваучери за купување во вредност од 460 евра доколку ги остават цигарите. Институтот за јавно здравје соопшти дека ваквата идеја е со цел финансиски да се поттикнат трудниците кои пушат да престанат со таа навика.
Од Институтот наведуваат дека упатствата се отворени за консултации, но додаваат дека студиите покажале дека „поттикнувањата во вид на ваучер се прифатливи за многу трудници и даватели на здравствени услуги“ и дека веќе се користат во некои региони.
Експертите посочуваат дека жените ќе мора да се подложат на тестирање за да докажат дека навистина се откажале од цигарите, пред да ги земат ваучерите. Сепак, тие наведуваат дека, во случај тестирањето да биде отежнато поради пандемијата, ваучерите секако ќе бидат распределени.
Истражувањата покажуваат дека од 1.000 жени, 177 би ги оставиле цигарите доколку за тоа добијат ваучери.