Модернизација на операционите сали
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека се пуштени во употреба шест реконструирани операциони сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а во наредните месеци се очекува да бидат ставени во функција уште четири. Со тоа, како што посочи, ќе се заокружи процесот на изградба на вкупно 10 современи и модерни сали.
Тој најави дека од почетокот на летото се очекува да биде завршен и проектот во болницата „8 Септември“, каде исто така ќе има нови операциони сали. „Со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот кога станува збор за ваков тип на операциони сали“, изјави Мицкоски.
Потребни се реформи во здравството
Премиерот нагласи дека здравствениот систем се соочува со бројни предизвици и дека се неопходни суштински промени. „Се разбира дека во здравството има многу работи да се прават и се потребни фундаментални, структурни промени, но и промени во менталитетот“, истакна тој.
Според него, ресурсите се ограничени, поради што Владата ќе пристапува кон решавање на проблемите постепено, чекор по чекор.
Владата со фокус на здравството
Мицкоски посочи дека здравството е еден од врвните приоритети на Владата и дека ќе продолжат инвестициите во оваа област. Тој им честиташе на директорите, министерот и сите вклучени во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека во наредниот период ќе следуваат уште вакви проекти.
„Ќе се радуваме на уште неколку проекти од оваа природа, кои ќе бидат ставени во функција за заштита на здравјето на граѓаните“, изјави премиерот.
