Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, при Медицинскиот факултет во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, успешно е изведена првата робот-асистирана уролошка операција во Македонија.

Интервенцијата била извршена со помош на демонстрацискиот роботски хируршки систем „EdGe Medical“, кој бил поставен во Клиничкиот центар. Според достапните информации, станува збор и за прва операција од ваков вид во поширокиот регион.

Операција кај пациент со карцином на простата

Станува збор за уролошка операција кај пациент со карцином на простата, изведена со примена на современа роботска технологија и минимално инвазивен хируршки пристап.

Со реализацијата на оваа интервенција, македонското државно здравство бележи значаен исчекор во развојот на минимално инвазивната роботска хирургија и отвора нови можности за современо лекување на пациентите.

Успехот се должи на подготвеноста на државното здравство да инвестира во континуирана едукација на стручниот кадар, како и во обезбедување современа опрема за клиниките. На тој начин се создаваат услови за развој и примена на најновите хируршки методи и технологии.

Тимот го предводеше д-р Виктор Станков

Операцијата ја изведе тимот на Клиниката за урологија, предводен од д-р Виктор Станков, научен соработник и специјалист уролог.

При зафатот бил користен роботскиот хируршки систем „EdGe Medical“, со примена на методата „Single Site“, односно хируршки пристап преку еден единствен отвор.

Ваквиот пристап овозможува поголема прецизност при интервенцијата, помала траума за пациентот, намалена постоперативна болка и побрзо закрепнување.

Според достапните сознанија, ова е и прва примена на ваков тип „Single Site“ метода во Европа.

Можност за примена и во други хируршки области

Покрај во урологијата, роботскиот хируршки систем ќе може да се користи и во гинекологијата, како и во други хируршки области во рамките на државното здравство.

Со имплементацијата на роботската хирургија, Македонија се доближува до развиените европски здравствени системи и создава нови можности за современ третман на пациентите во земјава.