Производството од Блискиот Исток го смири скокот на цените

Цените на нафтата денеска се вратија под симболичната граница од 100 долари за барел по силниот скок на отворањето, откако главните производители од Блискиот Исток почнаа да го намалуваат производството по нарушувањата во транспортот преку Ормускиот Теснец.

Нафтата брент е сега околу 99,5 долари за барел, што претставува раст од приближно осум отсто од претходниот ден, додека американската сирова нафта WTI се движи околу 95 долари за барел, со раст од околу четири отсто, пренесува Трејдинг економикс.

Намалувањето на производството и загриженоста за снабдувањето

Со ограничувањата во транспортот на танкери, клучни производители како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак почнаа да го намалуваат производството, бидејќи складиштата брзо се полнат. Ова предизвика загриженост за можен светски недостиг на енергија и потенцијално зголемување на инфлацијата.

Г7 најави можност за интервенција

Подоцна, цените се смирија откако министрите за финансии на Групата седум најразвиени земји (Г7) најавија дека, ако е потребно, ќе ослободат нафта од стратешките резерви за да ја стабилизираат пазарната ситуација.

Минатата недела, суровата нафта забележа пораст од околу 35 отсто, што е најголем неделен скок во тргувањето од почетокот на евиденцијата во 1983 година. Последен пат цените ја надминаа границата од 100 долари по почетокот на војната во Украина во 2022 година.