Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Владата е стабилна, силна и успешна, и покрај предизвиците со кои се соочува државата. Овој заклучок беше донесен на седница на која се разгледуваше актуелната политичка состојба и подготовките за претстојните локални избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека Владата ги исполнува очекувањата на граѓаните, особено во услови на тешка економска состојба наследена од претходната власт. Најавија голема и убедлива победа на локалните избори закажани за октомври.

Покрај тоа, во тек се испитувања на јавното мислење за кандидатите на партијата на локално ниво.

„Се вложуваат сите напори Македонија да се стави на брза патека на економски раст и развој. Општинските комитети се подготвени и мотивирани за изборите. Очекуваме големи успеси и подобрување на животниот стандард за сите граѓани“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Дополнително, претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека Владата е стабилна и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.

„Мнозинството е стабилно, имаме околу две третини поддршка. Треба да продолжиме со работа без изборен адреналин за секоја ситуација. Локалните избори доаѓаат, но тие се локален процес, не државен преврт“, рече Гаши.

Партнерот во владината коалиција, Вреди, преку соопштение најави сигурна победа во албанските општини.

„Во октомври ВЛЕН ќе победи во сите албански општини! Со чисти раце и образ пред граѓаните. Времето на ДУИ заврши, промените се незапирливи!“, соопшти ВЛЕН.

Според последната анкета на МКД.мк, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ужива поддршка од над половина од гласачите кои би излегле на избори. СДСМ би добил речиси петпати помалку гласови. ВРЕДИ би освоиле околу 13% од гласовите, додека ДУИ би добиле 12,1%.

Извор: Alfa