Во текот на изминатото деноноќие низ државата биле регистрирани вкупно 30 пожари на отворен простор, а според последните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во моментов нема активни пожари.

Од ЦУК информираат дека 29 пожари се целосно изгаснати, додека еден пожар е ставен под контрола.

Станува збор за пожарот меѓу селата Слатина и Грешница во општина Македонски Брод, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.

„Во текот на изминатото деноноќие регистрирани се вкупно 30 пожари на отворен простор. Во моментот нема активни пожари. Дваесет и девет пожари се изгаснати, а еден е ставен под контрола“, информираа од Центарот за управување со кризи.

Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните да бидат внимателни при престој во природа, особено поради високите температури и зголемениот ризик од избувнување пожари.