Министерот за денешниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ повтори дека планот е Грција да започне да прифаќа странски гости оваа година од 14 мај, што зависи и од состојбата со пандемијата од Ковид-19.
Тој додаде дека доколку епидемиолошките податоци бидат поволни, за патниците од некои земји со голем процент на вакцинирани, Грција сака да ја отвори туристичката сезона во средината на април.
Теохарис на германскиот весник му ги претставил и „петте линии на одбрана“ на Грција, односно условите за влез на патници и престој во Грција.
„Првата линија на одбрана“ е дека секој странски турист мора да има потврда дека или бил вакциниран против коронавирусот, или дека се опоравил од заразата со тој вирус, или дека покаже негативен резултат на тест за коронавирус.
„Втората линија на одбрана“ е дека сами ќе тестираат од примерок од туристи по пристигнувањето. Оваа стратегија за контрола ќе биде насочена особено кон оние кои доаѓаат од земји каде што имало концентрација на позитивни случаи претходниот ден.
„Третата линија на одбрана на Грција“ е веднаш да се стават во карантин туристи во случај на позитивен тест, а потоа да се подложат на подетален тест за ПЦР.
„Четврта линија на одбрана“ се општи правила за безбедност, како што се задолжителна употреба на маска или држење далечина, ограничувања на ресторани, автобуси, туристички патувања и разгледувања.
Последната, „петта линија на одбрана“ е дека „сите треба да ги следат истите правила како Грците“.
– Доколку има обврска грчките граѓани да носат маска, истото ќе важи за сите, без оглед дали се вакцинирани или не, нагласи министерот.
Теохарис кажал дека вакцинацијата на персоналот во грчкиот туристички сектор, исто така, ќе помогне во заштита од вирусот.
Министерот најави и можно продолжување на годинешната туристичка сезона.
Тој очекува, од септември, проблемот со вакцинацијата да биде решен и дека ќе има големо туристичко побарување, кое тогаш нема да биде задоволено, а некои ќе сакаат да дојдат во октомври или ноември, за што Грција веќе се подготвува.