Турција презема акција по пресретнувањето на ирански проектил, Техеран тврди: „Тоа не е наша ракета“

Турција ја зајакнува својата воздушна одбрана откако две ракети беа испукани од Иран и се подготвува за распоредување на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“. Министерството за одбрана во Анкара соопшти дека, како дел од мерките на НАТО, системот ќе биде поставен во источната турска покраина Малатија со цел дополнително да се зајакне воздушната безбедност.

Втор инцидент за една недела

Во понеделник Турција, членка на НАТО, пресретна ракета испукана од Иран на својата територија, што претставува втор ваков случај во рок од една недела, соопштија турските власти. Дел од остатоците од ракетата наводно паднале во јужниот регион Газиантеп, во близина на сириската граница.

Минатата недела одбранбен систем на НАТО во турската погранична област со Иран пресретна балистичка ракета, чии остатоци паднаа во покраината Хатај. Во двата случаи нема повредени, а засега не е познато кои биле целите на ракетите.

Телефонски разговор меѓу Ердоган и Пезешкијан

По инцидентот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше по телефон со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Ердоган изјавил дека Турција се обидува да ја отвори вратата за дипломатија со цел што побрзо да се стави крај на војната.

Тој нагласил дека не ги одобрува „нелегалните интервенции против Иран и таргетирањето на братските земји во регионот од страна на Иран“, додавајќи дека ваквите дејствија не се во ничиј интерес и треба да престанат.

Од друга страна, иранскиот претседател Пезешкијан изјавил дека ракетите кои влегле во турскиот воздушен простор не се од иранско потекло и најавил сеопфатна истрага за инцидентот.

НАТО и американско присуство во Турција

Во Турција, меѓу другите локации, американски војници се стационирани и во базата Инџирлик на НАТО на југоистокот од земјата.