Уапсен е еден од возачите учесници во тешката сообраќајка на патот Велес-Штип во која вчера загина маж.
Како што соопшти МВР, вчера во 18.15 часот во СВР Штип било пријавено дека на магистралниот пат Велес-Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од А.А.(29) од с.Супурге, радовишко и патничко возило „сузуки“ со светиниколски регистарски ознаки, управувано од В.П.(66) од с.Каратманово, општина Лозово.
Во несреќата, од здобиените повреди на местото починал возачот В.П., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош.
Сопатничката во возилото „сузуки“, Б.П.(60) се здобила со тешки телесни повреди констатирани во комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Возачот А.А. се здобил со телесни повреди.
По извршениот увид, по наредба на јавен обвинител, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишиле од слобода возачот А.А. за понатамошна постапка.