Баран со меѓународна потерница од Интерпол Скопје

Македонски државјанин, по кого со години била распишана меѓународна потерница за три убиства, е уапсен во Тирана од албанската полиција.

Апсењето е извршено во рамки на 80-тата фаза од полициската операција со кодно име „Оперативец“, соопштија албанските власти.

„Станува збор за Бесим Шерифи (52), жител на Копаница, Сарај, Македонија, кој подолг период се криел во албанската престолнина, користејќи фалсификувани лични документи на име на државјанин од Косово“, соопшти албанската полиција.

Се криел со фалсификувани документи, уапсен кај Суво Езеро

По неколкумесечни истраги и оперативни активности на Дирекцијата на Специјалната оперативна единица, осомничениот бил лоциран во реонот на Суво Езеро во Тирана, каде што бил уапсен со цел екстрадиција.

Проверките покажале дека по Шерифи била распишана меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Судот во Скопје во 2007 година му изрекол мерка притвор за кривичното дело „Убиство“, кое според македонското кривично законодавство се казнува со доживотен затвор.

Според надлежните органи, тој се сомничи дека на 5 октомври 2007 година, во селото Копаница, Скопско, со огнено оружје убил три лица.

Пронајдени лажни документи, започната постапка за екстрадиција

„При физичкиот претрес и во станот, кај лицето се пронајдени и одземени еден косовски пасош, косовска лична карта и возачка дозвола, сите фалсификувани, со податоци за државјанин од Косово“, се наведува во полициското соопштение.

Материјалите за кривичното дело „Фалсификување исправа“ се доставени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Тирана.

Интерпол Тирана, во соработка со Интерпол Скопје, ги продолжува процедурите за екстрадиција на Бесим Шерифи во Република Македонија.