Поранешниот шеф на германската Федерална разузнавачка служба (БНД) Аугуст Ханинг е уапсен во рамките на истрагата што може да се претвори во еден од најголемите разузнавачки скандали во повоената германска историја, пишува Дојче веле.

Според истражувачкиот тим на германските јавни медиумски служби WDR, NDR и весникот Süddeutsche Zeitung, Федералното обвинителство го истражува Ханинг поради сомневање за шпионажа, добивање државни тајни, обид за велепредавство и дејствување за странски разузнавачки служби.

Во исто време, истражителите обвинуваат и долгогодишен вработен во БНД за помагање при добивање и проследување доверливи информации. Од Федералното обвинителство не сакаа да го коментираат случајот во моментот на објавување на веста.

Апсења во две сојузни држави

Според истрагата на германските новинари, членовите на Федералната канцеларија за криминал (БКА) го уапсиле Ханинг рано наутро во неговиот дом во Нордвалде во близина на Минстер. Во исто време, во Баварија беше уапсен и Манфред Д., поранешен шеф на неговата канцеларија во БНД, кој работеше во службата до пролетта 2026 година.

Инспекторите се сомневаат дека барем до 2022 година, Манфред Д. наводно му давал на Ханинг строго тајни документи од БНД за паричен надомест.

Според сомнежите на истражителите, 80-годишниот Ханинг користел дел од тие информации за да направи безбедносни анализи за странска разузнавачка служба. Според достапните информации, овој случај наводно не е за Русија.

Во друг случај, според истражителите, Ханинг користел внатрешни документи на БНД во комуникација со странски агент.

Трагата била пронајдена при друга истрага

Сомнежите против Ханинг се појавија по претресот на неговиот дом и канцеларија во септември минатата година. Тогаш Државното кривично биро на Хамбург (ЛКА) бараше докази поврзани со случајот со киднапирање на деца од семејството Блок.

Државното правобранителство во Хамбург ја обвини претприемачката Кристина Блок дека наредила киднапирање на нејзините две деца на крајот на 2023 година поради долгорочен спор околу старателството. Инспекторите веруваат дека Ханинг бил поврзан со претходен обид за киднапирање, што тој го негира.

Според германските медиуми, при анализата на запленетите материјали полицијата пронашла електронски носач на податоци во кој имало чувствителни документи на БНД. Ханинг ја напушти службата во ноември 2005 година и не му беше дозволено да поседува такви документи.

Околу 2.000 тајни документи

Според досегашните резултати од истрагата, Манфред Д. наводно му препратил околу 2.000 документи на Ханинг. Меѓу нив имало извештаи наменети за редовни безбедносни состаноци во Канцеларијата на германската канцеларка, на кои присуствувале и шефовите на безбедносните служби.

Наводно станува збор за исклучително чувствителни информации, вклучувајќи извештаи за иранската нуклеарна програма и руската војска. Според извори од безбедносни кругови, меѓу документите имало и информации доставени до БНД од партнерски странски служби.

Таквото протекување во разузнавачкиот свет се смета за едно од најсериозните можни нарушувања на безбедноста, бидејќи може да доведе до губење на довербата во сојузничките служби.

Сомнеж за велепредавство

Откако полицијата во Хамбург ги пронашла документите, материјалот бил предаден на федералните институции. Во мај 2026 година, федералното обвинителство отвори тајна истрага против Ханинг и неговиот наводен извор во БНД. Се уште не е познато колку долго Ханинг наводно добивал доверливи информации.

Според истражителите, најновите пронајдени документи датираат од јуни 2022 година. Исто така, не е јасно како осомничениот вработен во БНД успеал да ги отстрани документите од строго заштитениот безбедносен систем на службата. Адвокатите на Аугуст Ханинг сè уште не одговориле на прашањата на медиумите.

Афера од историски размери?

За БНД ова е веќе втор сериозен безбедносен скандал за неколку години. Пред судот во Берлин моментално е во тек случајот против поранешниот шеф на одделот за БНД, обвинет за шпионирање за Русија во 2022 година. Тој случај се однесуваше на доверливи информации за сајбер операциите на германската разузнавачка служба.

Доколку се потврдат сомнежите против Ханинг, тоа би можело да биде најтешкиот случај поврзан со откривањето државни тајни во историјата на Сојузна Република Германија. Никогаш досега толку висок поранешен владин функционер не бил осомничен за злосторства од оваа тежина.

Од врвот на разузнавачкиот систем до нови обвинувања

Август Ханинг со децении вршеше некои од најважните позиции во германскиот безбедносен систем. Пред да дојде на чело на БНД, тој работеше како офицер за заштита на тајните информации во западногерманското претставништво во тогашна Источна Германија. По различни должности во канцеларијата на канцеларот, вклучително и координација на федералните разузнавачки служби, во 1998 година стана претседател на БНД.

По напуштањето на службата на крајот на 2005 година, се преселил во Сојузното МВР како државен секретар, а во 2009 година се пензионирал. Во последните години работи како консултант и претприемач во областа на безбедноста.

Неговото име е веќе поврзано со семејниот случај Блок, во кој истражителите велат дека Ханинг и поранешен полициски функционер наводно планирале да го наведат поранешниот сопруг на Кристина Блок со лажни обвиненија за детска порнографија. Истрагата за случајот се уште не е завршена. Ханинг претходно ги отфрли и тие обвинувања, пренесува Дојче веле.