Поранешниот српски министер за економија, Раде Баста, е уапсен под сомнение дека го оштетил јавното претпријатие „Белградски електрани“ за стотици илјади евра додека бил негов директор. Апсењето го наредило Вишото јавно обвинителство во Белград, објави „РТС“.
Според сомневањата на обвинителството, Баста доделувал пари како донации на различни спортски клубови без оправдана причина. Меѓу нив имало помали фудбалски и кошаркарски клубови, како и еден коњички клуб.
Припадници на Службата за борба против корупцијата ја спроведуваат акцијата, а истовремено вршат претреси на просториите поврзани со случајот. Неофицијално, полицијата приведува и неколку други луѓе кои се поврзуваат со Баста.
Баста беше министер за економија од октомври 2022 до 2023 година, кога Владата го разреши од функцијата. До тоа дојде откако тој побара Владата итно да се изјасни за воведување санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.
По разрешувањето, Баста го формираше политичкото движење „Европски пат“. Тој претходно беше министер како кадар на партијата Обединета Србија, која исто така побара негово разрешување од сите партиски и јавни функции на кои го предложила, поради неговите ставови за санкциите против Русија.
