Фатен е еден од сторителите на убиството кај Чашка. Станува збор за регистриран разбојник, соопшти Основното јавно обвинителство Велес.

На 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот заедно со уште едно лице кое сѐ уште не е идентификувано, го лишиле од живот велешанецот Ѓело Ѓошев.

Најпрво осомничениот го намамил и со својот автомобил го однел оштетениот на локацијата. Потоа заедно со другото лице пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот од која жртвата починала.

Осомничениот претходно бил сторител на кривично дело разбојништво, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката.

Јавниот обвинител доставил предлог до Основен суд Велес за определување мерка притвор за осомничениот.

По наредби на јавниот обвинител, МВР интензивно работи на откривање и на другиот соизвршител, како и на точните мотиви за убиството, се вели во соопштението.