Учениците го запознаа претседателот Пендаровски со областите кои ги изучуваат и со нивното предзнаење за општественото уредување на  Македонија.

– Тие се интересираа за неговите секојдневни обврски, како и за надлежностите на неговата функција. Прашуваа за референдумот во 1991 година и создавањето на независноста, за досегашните претседатели. Претседателот Пендаровски поздравувајќи ја посветеноста на наставниот кадар во изнаоѓањето на креативни форми и начини за поттикнување интерес кај учениците, ја нагласи важноста од континуирано практично унапредување на процесите во основното образование, како темел и клучен предуслов за продуцирање одговорни и прогресивни личности коишто ќе даваат значаен придонес во развојот на нашето општество, соопшти Кабинетот на шефот на државата за посетата на учениците, која е во рамките на проектот „Отворен кабинет“.

За време на посетата учениците имаа можност да престојуваат во просториите во коишто се реализираат официјалните средби, како салите во коишто се организираат свечености, настани и прес-конференции. Се запознаа и со дел од вработените во Кабинетот од кои беа информирани за историјатот на објектот, каде што е сместен Кабинетот, како и за начинот на функционирање на оваа институција.