Претседателот на движењето БЕСА Биљал Касами на прес конференција пред собранието посочи дека се сомнева оти пратеникот Кастриот Реџепи против своја воља е однесен негде и не може да се појави да гласа за пад на владата.

-Сакам да ја информирам јавноста дека движењето БЕСА стои во ставовите за пад на овој режим. Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на се за да останат во овие позиции. Се додека јас немам гласна слика и глас на пратеникот за својот став, јас се сомневам дека тој против својата воља го има декларирано тоа што го има декларирано и не може да дојде во Собрание и да се искаже за својата позиција – рече Касами.

Тој додаде дека доколку Реџепи ова го направил по своја воља, ќе одговара пред органите на партијата.

– Немам информација каде се наоѓа, вчера беше мојата последна информација и тој беше во рамките на позициите кои ги имаме како политичка партија. Се додека тој не излезе да каже дека овој став е негов и доброволен без некоја присилба, јас како човек и претседател на БЕСА имам право да се сомневам дека тој против своја воља се држи некаде и не може да дојде да излезе пред јавноста и да каже дека тоа е негов доброволен став. – рече Касами.


Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски објавидека постојат сајбер докази дека Реџепи е однесен во Бугарија.

-Заев има пари и фирми и имот во Бугарија.Кастриот Реџепи е логиран на ФБ во Бугарија! Дали е однесен, пренесен, превезан, натоварен, убеден, уценет или присилен, знаат само Заев, ДУИ и Тој! напиша Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил