Во СОУ „Ѓорче Петров“ завршуваат градежните активности за реконструкција на училишната зграда, со средства од Министерството за образование и наука во износ од 12,6 милиони денари или приближно 200.000 евра.

МОН информира дека реконструкцијата опфати дренажа и поврзување на атмосферската канализација, реконструкција на подовите во сите простории во училишната зграда со поставување линолеум, промена на осветлувањето и поставување лед светилки, санација на внатрешните ѕидови од влага и малтерисување, промена на азбестните плочи на дел од покривот со сендвич панели и поставување термоизолациска фасадна обвивка.

— Ова средно училиште, познато по иновативните идеи, не било обновено уште од минатиот век, од изградбата во 1963 година. Министерството за образование и наука континуирано вложува во подобрување на условите во кои учениците се школуваат, како еден од предусловите за квалитетно образование, соопшти МОН.

Во последните две години, како што информира, во буџетот намени една милијарда денари на годишно ниво, двојно повеќе од изминатите години, за изградба на училишта, спортски сали, за реконструкција на постојни објекти.

-Во соработка со локалните самоуправи, МОН создава услови за непречено и квалитетно изведување на наставата. Образованието е најголемиот влог во иднината и развојот на државата, затоа МОН продолжува со капитални инвестиции, како и со унапредување на наставните програми и обуки на наставниот кадар, наведува МОН во соопштението.