Утрово во Општата болница во Прилеп, како последица од тешки повреди здобиени при извршување на работните задачи во текот на ноќната смена, почина 54-годишниот Т.Г., вработен во Мермерниот комбинат АД Прилеп, соопшти раководството на компанијата.

„И покрај брзата реакција, негов итен транспорт до прилепската болница и напорите на медицинскиот тим да го спасат неговиот живот, повредите за жал беа фатални. Раководството и сите вработени во Мермерен комбинат се длабоко потресени од оваа трагична загуба. Во овие исклучително тешки моменти, нашите мисли се со семејството, роднините и најблиските на нашиот колега, до кои упатуваме најискрено и најдлабоко сочувство. Компанијата е во постојан контакт со неговото семејство и ќе ја обезбеди сета потребна поддршка и помош во овие болни мигови“, соопштија од компанијата.

Веднаш по несреќата, согласно законските прописи, биле известени сите надлежни институции. На местото на настанот увид вршат овластените органи и се преземаат сите законски предвидени дејствија за целосно расветлување на околностите и утврдување на причините што довеле до трагичниот настан.