Младата манекенка Сандеј Роуз Кидман Урбан го оствари својот голем сон појавувајќи се на модната ревија, присетувајќи се како пред само две години го гледала настанот „Vogue World“ заедно со својата мајка, познатата актерка Никол Кидман, и сонувала еден ден и самата да учествува во него.
„Дојдов во Париз со мајка ми пред две години и се сеќавам дека слушнав оти токму тој ден се одржува ’Vogue World‘. Се вратив во хотелот и го гледав преносот на YouTube – сите тие прекрасни жени, музиката и целиот спектакл. Во Милано сфатив дека оваа година и самата ќе учествувам во шоуто. Мојата 16-годишна верзија ќе плачеше од среќа, а плачев и јас сега, на 18 години. Имам огромна среќа што можам да доживеам вакви работи и да запознаам толку многу луѓе“, напиша Сандеј на својот Инстаграм профил.
Оваа 18-годишна девојка учествуваше на ревијата „Vogue World“ организирана во текот на Модната недела во Милано во септември. Пред публиката таа продефилира облечена во полупроѕирен бел фустан со длабоко деколте, широки ракави и лелеава силуета, кој беше украсен со нежен цветен вез.
Во интервју за ноемвриското издание на списанието „Vogue“, Никол Кидман откри какви совети им дава на своите ќерки додека тие растат под постојаното и будно око на јавноста. Кога ја запрашаа како да се справат со омразата на интернет, постојаното осудување и нападите, актерката истакна дека одговорот е едноставен.
„Едноставно се вртиш и си заминуваш. Зашто тоа ќе те скрши. Ќе те уништи“, наведе Никол Кидман, додавајќи: „Тоа многу ме плаши. Но, јас почнав да работам на 14 години, така што и немам многу право на глас“.
Претходно, Сандеј зборуваше за магазинот „Nylon“ околу строгите правила што нејзината мајка ги поставила уште од самиот почеток во врска со развојот на нејзината кариера во светот на модата.
„Постојат две важни правила. Првото беше дека не можев да работам во модната индустрија сè додека не наполнив 16 години. Второто е дека училиштето секогаш мора да биде на прво место. На почетокот тоа го мразев, но всушност мило ми е што постојат тие правила, бидејќи ми помагаат да останам цврсто на земја“, појасни Сандеј.
