Брод што плови под знамето на Палау синоќа бил погоден од беспилотно летало во Црното Море, во територијалните води на Романија. Инцидентот се случил на околу 12 километри северно од населбата Свети Ѓорѓи во делтата на Дунав, потврдија романските власти.

Нападнато е товарното пловило со име „Лариса 1“, кое пловело кон романското пристаниште Сулина, додека неговата крајна дестинација била Украина. Според достапните информации, нападот врз бродот бил пријавен синоќа по 21 часот.

Според првичните извештаи од теренот, ударот на дронот предизвикал материјална штета само на кранот наменет за ракување со бродскиот товар.

Романскиот министер за одбрана Штефан-Раду Опреа го потврди настанот во црноморските води, нагласувајќи дека надлежните служби веќе спроведуваат детална истрага за околностите под кои дошло до нападот.

Министерот подвлече дека воените и цивилните власти во Романија континуирано вршат мониторинг врз сите објекти што се регистрирани во водите и во близина на романскиот воздушен простор.

Опреа дополнително посочи дека во текот на вчерашниот ден на територијата на округот Тулча биле огласени најмалку две безбедносни предупредувања. Армијата дејствува во координација со Министерството за внатрешни работи и Крајбрежната стража за следење на сите закани од дронови што се движат кон државната територија.