Изјавата беше поддржана од Фудбалскиот сојуз на Англија (ФА), Премиер лигата, Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ), Ла Лига, Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) и Серија А.
– Дознавме дека неколку англиски, шпански и италијански клубови можеби планираат да најават создавање на затворена т.н. Супер лига. Доколку се случи ова, сакаме да повториме дека ние – УЕФА, ФА, РФЕФ, ФИГЦ, Премиерлигата, Ла Лига, Серија А, како и ФИФА и сите наши здруженија членки – ќе бидеме обединети во нашите напори да го спречиме овој циничен проект заснован на личните интереси на повеќе клубови во време кога на општеството му треба солидарност повеќе од кога било. Ќе ги разгледаме сите мерки што ни се достапни на сите нивоа – и судски и спортски – за да не се случи ова, соопшти УЕФА.
Како што претходно изјавија УЕФА и шесте федерации, на засегнатите клубови ќе им биде забрането да играат во кое било друго натпреварување на национално, европско или глобално ниво, а на нивните играчи може да им биде ускратена можноста да ги претставуваат своите репрезентации.
– Им благодариме на клубовите во другите земји, особено на француските и германските клубови кои одбија да учествуваат во ова. Ги повикуваме сите навивачи да ни се придружат во борбата против овој проект доколку биде објавен, апелираат во заедничката изјава УЕФА, национални федерации и асоцијации.
Претходно во текот на денот стана познато дека вечерва приврзаниците на Супер лигата ќе објават создавање на турнирот во блиска иднина. Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Барселона, Јувентус и уште осум клуба ја поддржаа Суперлигата, додека Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и ПСЖ одбија да учествуваат.