Вистинска необична приказна за кражба доби меѓународна димензија откако 350 лежалки, кои исчезнале од рекреативен комплекс во Италија, биле пронајдени на плажа во Албанија. Сопствениците тврдат дека опремата вредна повеќе од 45.000 евра и денес се користи, поради што покренале судска постапка и јавно побарале помош за нејзино враќање.
Според информациите, пред две години преку ноќ исчезнале вкупно 350 лежалки од рекреативниот комплекс „Onde Chiare“ на Виа Фенули во италијанскиот град Реџо Емилија. Италијанската полиција тогаш соопштила дека лежалките биле украдени од засега непознати сторители.
Една година подоцна, минатото лето, лежалките неочекувано биле забележани на плажа во туристички објект во познатото одморалиште „Ртот Родон“, на јадранскиот брег северно од Драч. Нив ги препознала туристка од Реџо Емилија, која летувала во Албанија, објавија албанските медиуми.
Таа испратила фотографии до раководството на комплексот, откако претходно прочитала за кражбата во локалните медиуми. На фотографиите, како што тврдат сопствениците, јасно се гледало логото „Onde Chiare“ на лежалките.
Сопствениците покренале судска постапка
Алберто Костоли и Енрико Кавацони, менаџери на комплексот, го ангажирале адвокатот Џанлука Далари за да започне постапка за враќање на опремата, чија вредност надминува 45.000 евра.
Тие велат дека размислувале лично да отпатуваат во Албанија и да ги земат лежалките, но на крајот решиле случајот да го решаваат по правен пат.
„Размислувавме сами да одиме да ги земеме, но потоа решивме да го следиме законскиот пат. Нашиот адвокат пронајде и адвокат во Албанија, кој покрена судска постапка. Според законот, нашите лежалки требаше да бидат запленети и ставени под надзор од страна на албанските власти. Но, друг клиент, кој се случи да биде во Драч овие денови, ни испрати ново видео, кое потоа го објавивме на Инстаграм. Во него јасно се гледа дека лежалките сè уште се на плажата и ги користат клиентите на тој објект. Многу сме револтирани. Тоа не е добра реклама за туризмот“, изјавил Костоли.
Случајот го објавиле јавно и го означиле Еди Рама
Поради, како што велат, изостанокот на конкретен напредок, сопствениците решиле случајот да го направат јавно достапен.
„Ги тагиравме локалните медиуми, испративме е-пошта до редакцијата на емисијата „Ле Иен“, позната по своите истражувања. Го означивме и премиерот на Албанија, Еди Рама, бидејќи тој често зборува за развојот на албанскиот туризам. Кражбата на лежалки во Италија и нивната употреба во Албанија воопшто не е добра визит-карта за туристите и за угледот на земјата. Со години соработуваме со албански добавувачи и никогаш не сме имале никакви проблеми. Се надеваме дека албанскиот премиер ќе биде заинтересиран за нашиот случај, бидејќи веќе не знаеме кој пат да го следиме“, изјавиле сопствениците.
Во меѓувреме, нивната објава на социјалните мрежи брзо станала вирална, собирајќи десетици споделувања и стотици реакции.
„Се надеваме дека малку бучава и медиумски притисок ќе помогнат во решавањето на ова прашање. Само помислете колку штета и загриженост ни предизвика оваа кражба, која се случи на почетокот на летната сезона, пред две години“, заклучил Костоли.
