Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за можноста Украина да добие дополнителни пресретнувачки ракети за својата воздушна одбрана.

Зеленски по разговорот објави дека Руте е добро запознаен со заканите со кои се соочува Украина и дека двете страни ги координираат напорите со земјите кои располагаат со потребните ракети и имаат можност да помогнат.

„Марк е добро запознаен со заканите и ние ги координираме нашите напори со земјите што ги имаат потребните ракети и способност да помогнат“, објави Зеленски на платформата Икс.

Украинскиот претседател нагласи дека е особено важно да се забрза процесот и да се отстранат административните пречки.

„Многу е важно да се елиминира целата бирократија и да се донесат потребните политички одлуки“, порача Зеленски.

Руте по разговорот со украинскиот претседател, исто така на Икс, соопшти дека разговарал со сојузниците за можностите за продолжување на поддршката за украинската воздушна одбрана.

Тој наведе дека станувало збор за тоа „како можеме да продолжиме да ѝ обезбедуваме на Украина средства за воздушна одбрана што им се итно потребни“.