– Низ децениите, заедно со владините партнери, дарителите, застапниците и поддржувачите, УНИЦЕФ им помагаше на децата ширум светот. Од краткорочна помош во време на криза до долгорочни развојни програми, повторно осмислувавме како да се унапредат правата на децата и нивната благосостојба, се вели во соопштението.
Од УНИЦЕФ посочуваат дека децата денес, покрај кризата со КОВИД-19 се наоѓаат и во образовна криза, климатски промени, широко распространети социјално-економски предизвици, растечка сиромаштија и нееднаквост.
– Сè уште гледаме многу деца кои се изоставени само поради местото на живеење, примањата на нивното семејство, нивната етничка припадност или попреченост. Овие предизвици нè засегаат сите нас, но најстрашно ги погаѓаат најранливите деца. Оваа недела, УНИЦЕФ започна нова студија за мултидимензионалната детска сиромаштија во Северна Македонија, истакнувајќи дека лишеноста од образование, ран детски развој, исхрана, безбедност, љубов и грижа се меѓу првите 5 фактори што придонесуваат за мултидимензионалната детска сиромаштија, додаваат од УНИЦЕФ.
Во соопштението се наведува дека инвестициите за унапредување на квалитетно и инклузивно образование, проширување на пристапот до предучилишно образование и основни услуги на социјална и детска заштита, поддршка на менталното здравје и воведување нови услуги и програми за поддршка на родителите, за секое дете да расте во грижлива семејна средина, обезбедување фер систем на правда за децата, мора да се гледаат како инвестиции за решавање на детската сиромаштија и изградба на посветла иднина за сите граѓани на земјата.
– Сега, повеќе од кога и да е, ни треба акција за секое дете да има подобро детство, иднина и праведна шанса. Исто како што повторно се кренавме од урнатините на Втората светска војна, нашата цел денес останува да обезбедиме закрепнување од пандемијата, ставајќи приоритет врз инвестициите за децата, порачаа од УНИЦЕФ.
Првата помош што УНИЦЕФ ја реализираше, се случи во август 1947 година, токму за децата од земјава, во рамки на Југославија. Беа донирани облека, чевли, сапун и други неопходни материјали. Во педесетите години, УНИЦЕФ соработуваше со Владата за подобрување на снабдувањето со млеко. УНИЦЕФ увезе опрема за поддршка на националниот план за конзервирање на млекото, со што, над 800.000 деца и мајки добиваа безбедно, здраво млеко, бесплатно или по многу ниска цена.
Во 1957 година, УНИЦЕФ започна иницијатива за формирање на националниот Завод за здравствена заштита на мајки и деца во Скопје. Во тоа време, стапката на детска смртност изнесуваше дури 138,6 на илјада живородени деца. Во 1963 година, УНИЦЕФ ги поддржа напорите за помош по трагичниот земјотрес во Скопје. Од 1993 година – кога отвори канцеларија во земјата откако таа стана независна држава – УНИЦЕФ отсекогаш беше меѓу првите што обезбедуваа поддршка за децата во време на криза и работеше со партнерите за секое дете да ги ужива сите права.
Низ историјата, УНИЦЕФ помогна да се обликува поздрава и побезбедна средина за децата, насекаде низ светот и во земјава.
– Поддржавме реформи за јакнење на системот, со што се придонесе да се намали смртноста на децата под пет години, повеќе деца да одат на училиште, секое дете во земјата да живее во семејна средина, но поддржавме и надежни меѓусекторски реформи за крај на исклучувањето и за заштита на децата од насилство, злоупотреба и занемарување, истакнаа од УНИЦЕФ.
Додека соработуваат со владите, дарителите и другите организации, за да го преосмислат заедничкиот пат во следните 75 години, од УНИЦЕФ порачаа дека децата мора да бидат на прво место за инвестиции и акција.