Контрола во 114 кујни низ државата
Во текот на минатиот месец, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршиле вонреден надзор во 114 кујни низ државата. Поточно, 91 кујна во градинки и 23 кујни во училишта. Целта на контролите била проверка на условите под кои се подготвува и служи храната за децата. По извршените контроли, АХВ издала девет решенија со наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Прекршувања во градинките
Во две градинки било констатирано незадоволително ниво на хигиена, а во една градинка персоналот не поседувал задолжителни здравствени прегледи. Во три установи биле изречени парични казни поради неправилно складирање на храната. При контролата, уништени биле 24 килограми небезбедна храна, информираат од АХВ.
Недоследности и казни во училиштата
Во училиштата, незадоволителни услови биле утврдени во една кујна, додека во две биле забележани отстапки од добрата производствена и хигиенска пракса. Поради погрешно декларирање, уништени биле 59 килограми храна. За утврдените недоследности, инспекторите изрекле една парична казна и донеле пет решенија со обврска за нивно отстранување.
Извор: Фактор