На новите сателитски снимки се гледа главниот лачен дел од мостот, долг 19 километри, кој го поврзува руското копно со окупираниот украински полуостров Крим. Од тој дел, целата коловозна лента што се наоѓа веднаш до десната страна на лакот целосно исчезнала.

Јасниот сателитски приказ покажува дека делот од коловозот помеѓу носечкиот столб на главниот лак и соседниот столб целосно се урнал во морето. Во водата, околу конструкцијата, можат да се забележат заштитни пловечки бариери и баржи, со кои руските сили се обидуваа да го заштитат преминот од поморски беспилотни летала.

Иако железничкиот лак на снимката останал на своето место, железничката пруга исто така претрпела оштетувања во нападите, поради што железничкиот сообраќај преку Керченскиот теснец е привремено целосно запрен.

Украинската војска извршила три напади врз Кримскиот мост во рок од само четири дена, откако претходно со недели ги таргетирала руските системи за противвоздушна одбрана, радарите и опремата за електронско војување во тој регион. Во комбиниран напад на 17 ноември е уништен голем дел од коловозната конструкција на мостот, а на 19 ноември повторно била погодена и железничката линија.

Според проценките на европските разузнавачки служби, замената на урнатиот дел од конструкцијата би можела да потрае со месеци, особено ако украинските сили продолжат со нападите додека траат поправките. Поради прекинот на сообраќајот, Русија е принудена воените залихи да ги пренасочи преку копнен коридор низ окупираниот југ на Украина, каде што транспортот е изложен на удари од беспилотни летала.

Кримскиот мост беше изграден од Русија по анексијата на Крим во 2014 година, а во 2018 година официјално го отвори Путин, кој го нарече исклучиво цивилен објект и се закани со силен одговор.

Уште во петокот вечерта уследи масовен руски напад со ракети и беспилотни летала врз украинските градови, при што загинаа најмалку осум лица, а во Киев беа оштетени три моста преку реката Днепар.