До овој момент не е донесена одлука за одземање на дозволата за основање и работење на Алта банка АД Битола. Банката се наоѓа под привремена администрација воспоставена со решение од 1 ноември 2026 година согласно член 139 од Законот за банките. Самиот чин на воведување на администрацијата не претставува правна или фактичка основа за активирање на постапката за обесштетување на депонентите.
Ова го истакна директорот на Фондот за осигурување на депозити, Бехар Емини, во своето воведно обраќање пред пратениците во Собранието, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет за време на надзорната расправа посветена на причините за воведување администрација во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност.
Емини посочи дека согласно член 5 став 5 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, банката продолжува да има законска обврска за редовно плаќање на премијата. Според евиденцијата на Фондот, Алта банка АД Битола уредно ја подмирува оваа давачка и по донесувањето на одлуката за воведување администрација во целост ги исполнува законските барања.
„За потребите на оваа надзорна расправа, во интерес на транспарентноста и институционалната отчетност, сакам да презентирам конкретен податок за финансискиот капацитет на фондот: 25 милијарди 610 милиони денари или околу 416 милиони евра. Ова е вкупната вредност на инвестициското портфолио на фондот, наменет за исполнување на законските обврски кон осигурените депоненти. Управувањето со средствата се темели на принципите на сигурност, ликвидност и одговорно финансирање, односно одговорно финансиско управување. Средствата се инвестирани во краткорочни државни хартии од вредност во рок од достасување од 12 месеци издадени од Министерството за финансии. Фондот не инвестира во долгорочни хартии од вредност, ниту во хартии од вредност издадени од странски банки. Ликвидноста може да се обезбеди преку редовно достасување, евентуален предвремен откуп на државните записи од страна на Министерството за финансии или преку продажба на секундарниот пазар согласно важечките услови и процедури“, вели Емини.
Тој додаде дека институцијата веќе поседува искуство од минати предизвици, вклучително и постапувањето при стечајот на Еуростандард банка.
„Во случај на настанување ризичен настан, Фондот ќе ги преземе потребните финансиски, организациски и оперативни активности за започнување на исплатата на обесштетување во законскиот рок. Осигурените депозити се заштитени до износ од 30.000 евра во денарска противвредност по депонент во една банка согласно законските услови. Како директор ја почитувам улогата на Собранието во парламентарниот надзор. Фондот е подготвен да презентира дополнителни информации за своите надлежности, финансискиот капацитет и работењето со почитување на законските обврски за доверливост. Доверливоста не ја исклучува институционалната отчетност за фондот. Фондот располага со значителен финансиски капацитет, институционално искуство и механизми за исполнување на законските обврски. Во конкретниот случај, во овој момент, уште еднаш сакам да потенцирам, не е настанат ризичен настан“, рече Емини.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска праша дали во трезорот и во финансиските документи на Алта банка АД Битола реално постојат 80 милиони евра или соодветни кеш еквиваленти, како што стои наведено во официјалниот биланс. Емини појасни дека мора точно да се разграничат надлежностите што ги има Народната банка како контролен и извршен орган од улогата што му припаѓа на Фондот за осигурување на депозитите.
„Фондот располага до обесштетување до 30.000 евра за тие што се осигурени. Тогаш фондот ги зазема потребните чекори за реализација на овие исплати, не би било одговорно да дадеме некои претпоставки за иднината на банката“, вели Емини.
Директорот информираше дека пред неколку дена испратиле официјално писмено барање до привремената администрација на банката за доставување податоци за осигурените депозити во институцијата, но одговор сè уште не е пристигнат.
„По земање на извештајот, после ќе процениме за понатамошна постапка. Дотогаш не би било професионално да претпоставиме што ќе содржи тој извештај. Секако дека мој приоритет е заштита на депозитите“, потенцираше Емини.
Пратеничката Арбана Пашоли постави прашање дали Фондот навремено бил известен за промената на сопственичката структура на Алта банка и дали постоела соодветна оцена од Народната банка. Емини посочи дека исклучиво Народната банка е надлежна да одлучува за влез на субјекти во македонскиот банкарски систем.
„Ние како фонд излегуваме на сцена ако Народната банка одлучи да им укине дозвола на некоја банка. Дотогаш нашите надлежности се ограничени и немаме никаков дополнителен простор за да можеме да направиме некоја контрола или да бараме одговорност од нив. Спомнав и порано дали имаме оценка од Народна банка, на денот кога се огласи банка Алта Банка во Србија за стечајна, бевме и дискутиравме во Народната банка и должностите кои ни се нас како фонд и изразивме подготвеност доколку би имале таков простор за интервенција, ние сме подготвени професионално и финансирано да реагираме“, вели Емини.
Во врска со прашањето за судбината на средствата на штедачите и правните субјекти кои поседуваат влогови над 30.000 евра во денарска противвредност, Емини истакна дека законската регулатива јасно ги дефинира обврските на Фондот до законскиот лимит.
„Значи до тука е нашата должност како Фонд, што после реално ќе се случува со тие фирми или лица кои што имаат над 30.000 евра, како што го имавме и случајот во Еуростандард банка и во други банки кои што беа по стечај, значи остаттокот на парите кои што не ги зимат преку Фондот на осигурување на депозити, ги зимат преку мерката на ликвидација. Колку може да трае тој период, го имаме конкретниот случај на Еуростандард, којшто е од 2020 година и уште е во процес. Тоа што сакам да го истакнам уште еднаш дека досега од Народната банка ние имаме само одлука за администрација и не одлука за земање на одземање на дозвола и ние како во овој правец како Фонд не можеме да имаме поконкретен одговор“, вели Емини.
Пратеничката Драгана Бојковска побара информација колку средства исплатил Фондот при обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка по одземањето на дозволата во 2020 година и каква е паралелата со актуелната состојба во Алта банка од законски аспект.
„Значи случајот за Еуростандард банка е едно големо искуство за Фондот за осигурување на депозитите. Во 2020 година имаше 130 илјади депоненти, околу 68 милиона евра, досега се исплатени 91 посто, додека процесот на стечај се уште е во тек и граѓаните од ден на ден продолжуваат да ги зимат парите кои што им следуваат без разлика на пандемијата. Фондот во тоа време ги активираше механизмите и организираше плаќања преку четири банки. Значи ова искуство е многу значајно. Но, секој банкарски случај има свои спецификации“, рече Емини на надзорната расправа за Алта банка АД Битола, која се одржува на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.
