За 17 дена истекува шестмесечниот законски рок за истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби. Доколку до 22 август обвинителот не поднесе обвинение, повеќе нема да постои основа Груби да остане во куќен притвор.
Судот потоа може да му определи поблага мерка за обезбедување присуство, меѓу кои и одземање на патната исправа. Груби на 23 февруари се предаде на граничниот премин Блаце, откако претходно 14 месеци престојуваше во Косово. Првично беше однесен во затворот во Шутка, но по неколку часа притворот му беше заменет со куќен.
Поранешниот вицепремиер е осомничен во истрагата за проневера на 8,2 милиони евра од Државната лотарија. Од Обвинителството засега не соопштуваат нови детали за текот на постапката.
