Техничкиот директор на младинските национални тимови, Ѓорги Христов, на брифинг со медиумите говореше за постигнатото и за предизвиците во младинскиот фудбал. Тој ги образложи критериумите за избор на репрезентативци и очекувањата од генерациите што треба да бидат основа на сениорската репрезентација.

Посебно внимание привлече успехот на генерациите 2009 и 2010, кои во последните две години обезбедија пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство. Според Христов, ваквиот континуитет е значаен показател за напредокот, со оглед на тоа што во изминатите три децении Македонија само двапати успеала да стигне до оваа фаза.

„Треба да бидеме задоволни и горди на резултатите. Генерацијата 2010 обезбеди пласман во елитната фаза, а тоа е втора година по ред во која успеваме да го направиме овој чекор. Лани тоа го направи генерацијата 2009, сега и 2010. Станува збор за феноменален резултат, особено затоа што се работи за најмладите репрезентативни селекции. Во последните 30 години само двапати сме имале пласман во елитната фаза, а сега тоа го остваруваме две години последователно“, истакна Христов.

Пласманот во елитната фаза има и дополнително значење, бидејќи македонските селекции ќе бидат дел од ждрепката во повисок ранг, што отвора можност за соочување со најдобрите европски репрезентации и нови предизвици во нивниот развој.

Еден од клучните сегменти во развојот на младинскиот фудбал е реформата на лигашкиот систем, со која се настојува младите фудбалери да имаат повеќе натпревари, подобра конкуренција и поквалитетни услови за напредок. Христов нагласи дека редовното следење на играчите, нивната форма и развој, како и отворената конкуренција за место во репрезентацијата, се основа на овој процес.

„Ја реорганизиравме лигата. Секоја недела ги имаме децата на терените и тоа е многу важно за нивниот развој и за резултатите што ги постигнуваме. Не влегуваме во никаква еуфорија. Важно е самите деца да видат дека можат да напредуваат, но и дека никој нема загарантирано место во тимот, без разлика на претходниот труд. Тоа важи и за селекторите. Селекцијата мора да биде конкурентна, а одлуките да се носат врз основа на она што го гледаме на теренот“, посочи Христов.

Тој потенцираше дека стручниот тим внимателно ја следи состојбата на терените ширум земјата.

„Ги следиме сите натпревари. Ако не сум јас, тука е Горан Пандев, ако не е Пандев, тука се Новески или Артим Шаќири. Тоа е многу значајно за децата од младите генерации. Сакаме да знаат дека нивната работа се следи, дека постои конкуренција и дека до репрезентацијата се стигнува со квалитет, работа и континуитет“, додаде Христов.

Во процесот на селектирање, Христов се осврна и на нефудбалските влијанија, кои и понатаму претставуваат предизвик, иако нивното присуство е значително намалено во однос на почетокот на неговиот мандат.

„Сè уште се бориме со нефудбалски работи, за жал, но многу помалку отколку во првата година. За да препорачаме некое дете, треба да бидеме 300 проценти сигурни. Многу често кажувам дека некое дете не заслужува да биде во репрезентацијата, затоа што го гледам и знам што се случува. Нефудбалски работи ќе има и понатаму, но се бориме против нив и верувам дека ќе успееме“, истакна Христов.

Христов нагласи дека резултатите во младинските категории не се единствената цел, туку крајниот приоритет останува создавање фудбалери способни да се наметнат во сениорскиот национален тим.

Во однос на фудбалерите кои во младинските категории се дел од македонските селекции, а потоа одлучуваат да настапуваат за други национални тимови како Германија или Швајцарија, беше истакнато дека нема да има откажување од играчите со потенцијал.

„Свесен сум дека станува збор за големи репрезентации. Ние нема да се откажеме од ниту едно дете кое има квалитет и потенцијал да игра за Македонија. Но, тие одлуки ги носат родителите, а не децата. Нашата задача е да им ги понудиме најдобрите услови, да ги следиме, да им дадеме можност и да покажеме дека Македонија има сериозен пристап кон нивниот развој“, нагласи Христов.

Развојот на младинскиот фудбал бара долгорочна стратегија, постојана работа, квалитетна конкуренција и доверба во младите играчи, а вистинската потврда ќе биде бројот на играчи кои ќе стигнат до сениорската репрезентација.