Судот изрази сомнеж и ја отвори втората фаза од постапката
Уставниот суд соопшти дека сè уште не е донесена конечна одлука за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој во јавноста е познат како линеарно зголемување на пензиите.
На 24. седница одржана на 19 ноември 2025 година, со мнозинство гласови, судот изрази сомнеж во уставноста на членот 2. Во моментов се одвива втората фаза од постапката, во која се бараат мислења од доносителот и предлагачите на законот. Јавноста ќе биде известена кога предметот ќе биде ставен на седница за конечна одлука.
Преиспитување на линеарните покачувања од претходниот период не е планирано
Во однос на веќе исплатените линеарни покачувања, Уставниот суд информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2.500 денари, исплатени во септември 2024 и март 2025 година. На седницата од 19 ноември, иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 беше отфрлена, бидејќи тие одредби имале темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет.
Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 2, кој воведува линеарно покачување на пензиите. Изразени се сомнежи дека одредбата може да ја наруши уставната праведност, еднаквост и правната сигурност, затоа што сите пензионери добиваат исто покачување, без разлика на стажот и уплатените придонеси.
