Уставниот суд на денешната седница ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 146 став 2 и став 3 од Законот за парничната постапка.
Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби на граѓаните им се оневозможува непречено и безусловено да ги користат правата и овластувањата гарантирани со членот 9 од Уставот. Така, граѓанинот кој нема средства, нема приходи или во одреден момент има потешкотии да врши плаќања поради блокирана сметка и слично и не е еднаков со граѓанинот кој има средства односно приходи при поведување на граѓански спор пред надлежен граѓански суд. На тој начин според наводите во иницијативата овој граѓанин би изгубил одредени основни права, овластувања и интереси од областа на лични и семејни односи, работни, трговски, имотни и друѓи граѓански спорови и би претрпел соодветна ненадоместлива штета при поднесувањето на тужбата или во рок од 15 дена со санкција за нејзино повлекување или отфрлање што претставува чисто условување.
Предлогот на судијата-известител да се отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Ново Село бр. 08-288/1, како што информираат од Судот, не беше усвоен, поради недобиено мнозинство гласови.
Според подносителот на иницијативата, градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, во делот на оспорувањето на законитоста e повреден членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор кој ја регулира постапката за донесување на Годишниот план за вработување во јавниот сектор кој важи и за општините. Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека општината се придржува кон овој член од Законот, Советот на општината дал позитивно мислење на Предлог-планот, градоначалникот го донел и како таков му било дадено позитивно мислење во законскиот рок и Годишниот План за вработување во Општина Ново Село кое за 2022 година е во сила. Имено, според подносителот на иницијативата, Законот за вработените во јавниот сектор не познава термин стопирање или запирање како и наложување на градоначалникот на Општина Ново Село повторно да доставува план за вработување на веќе постоечки план за вработување со сите согласности, а предлогот да произлегува од друг орган освен од градоначалникот. Ваквите незаконити одлуки се наведуваат како противуставни.
На денешната седница не беше поведена постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 точките 3 и 5, член 16 точките 5 и 8, член 18 ставовите 1 и 2, член 19 ставовите 6 и 8, член 20 став 1, член 28 ставовите 2 и 4, член 33 став 3, член 35 ставовите 1 и 3, член 40 став 5, член 42 став 3, член 49 став 2 и член 57 ставовите 1, 2 и 3 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија и се отфрла иницијативата за поведување постапка за оценување на согласноста на член 35 од Статутот со членовите 10, 11 и 13 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија.
Подносител на иницијативата е Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина Кавадарци. Подносителот наведува дека во членот 15 точките 3 и 5 од Статутот на комората набројани се условите за престанување на членството во Комората и тоа: ако биде осуден на казна затвор во траење од 6 месеци и ако неоправдано не плаќа членарина подолго од 12 месеци. Ваквите одредби според подносителот оставале сериозна правна дилема поради какво кривично дело е осуден членот на Комората (лекарска грешка при лекувањето, па му е изречена заштитна мерка забрана за вршење стоматолошка дејност или на пример сообраќајна несреќа предизвикана од невнимание). Подносителот смета дека не било наведено кој орган донесува решение за престанок на членството, за кој временски период и во која постапка.
Судиите не поведоа постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“ – Скопје. Подносител на иницијативата е Производно, трговско, градежно и услужно друштво НАБИЗИ ДОО Струга, застапувано од Игор Петковски, адвокат од Битола.