Со 65 гласа „за“ и пет „против“, Собранието попладнево усвои резолуција со која се потврдува државната политика против нелегалната миграција и се осудуваат, како што се наведува, манипулациите на опозицијата.

Документот, насловен „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, беше изгласан од парламентарното мнозинство.

Во образложението на резолуцијата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека мнозинството и Владата имаат јасна, доследна и непроменлива политика кога станува збор за нелегалната миграција.

Тој нагласи дека Владата, како што рече, никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување на мигранти на територијата на општините во државата.

Според Мицевски, со усвојување на оваа резолуција се става крај на, како што ги оцени, шпекулациите и намерно пласираните невистини што, како што рече, се слушаат во јавноста.

Во собраниската расправа околу Резолуцијата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека документот има и јасна превентивна улога, испраќајќи порака дека прашањата поврзани со безбедноста, миграцијата и јавниот мир не смеат да бидат предмет на лаги и политички конструкции.

Во обраќањето, Мицевски изјави дека Република Македонија, како што рече, „се наоѓа во состојба на десет дена континуирана дезинформација“ по одредени теми, поради што, според него, парламентарното мнозинство има обврска да реагира.

„Република Македонија се наоѓа во состојба на десет дена континуирана дезинформација по одредени теми и од таа причина, една од мерките којашто ние како одговорно владејачко мнозинство имаме да го преземеме е да укажеме на граѓаните дека она што го тврди дел од опозицијата…“, изјави Мицевски.

Тој обвини дека дел од опозицијата свесно водела организирана и координирана кампања на дезинформации и манипулации, со која, како што рече, се создавале страв, несигурност и паника кај граѓаните преку лажни тврдења за наводно прифаќање мигранти и изградба на мигрантски кампови.