На Конгресот ќе биде усвоена Стратегијата Македонија 2030 и избрани органите на партијата

Во Кавадарци утре ќе се одржи 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој се очекува лидерот Христијан Мицкоски да биде реизбран за претседател. Тој е единствениот кандидат за функцијата, а на Конгресот ќе присуствуваат околу 2.600 лица, од кои 850-860 делегати и 1.700-1.800 гости.

– „Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата“, рече вчера на брифингот со новинарите Мицкоски.

Според лидерот, ова ќе биде најмасовен Конгрес досега, а на него ќе се обраќаат и претставници на неколку сестрински партии. Настанот ќе се одвива според стандардно сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство, усвојување на „Стратегија Македонија 2030“, избор на изборна комисија, обраќања на дел од делегатите, разгледување на извештајот за материјално-финансиското работење на партијата, претставување на кандидатот за претседател, самото гласање и извештај на изборната комисија. На крај, избраниот претседател ќе се обрати пред присутните.

Мицкоски нагласува дека доколку биде реизбран, тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ:

– „И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, рече Мицкоски.

Тој исто така подвлече дека прв пат како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ нема долгови:

– „Во 2018 година ситуацијата не беше розева, ниту пак предвидувањата за ВМРО-ДПМНЕ, но во овој момент немаме изложеност кон банки, немаме долгови кои што условно сме ги имале во минатото“, истакна Мицкоски.